Top Sport

Дурант стана најплатениот кошаркар на сите времиња

Кевин Дурант и Хјустон Рокетс постигнаа договор за двегодишно продолжување на договорот во вредност од 90 милиони долари, објавува инсајдерот од НБА, Шамс Чаранија.

Дурант имал право на максимално продолжување од 120 милиони долари, но, според ESPN, тој свесно прифатил помал износ – околу 30 милиони долари помалку – со цел тимот да ја одржи финансиската флексибилност и можноста дополнително да го зајакне составот во наредните сезони.

Овој потег покажува дека Дурант размислува долгорочно и сака Хјустон да стане сериозен шампионски проект. Дурантула летово пристигна во Хјустон од Финикс Санс.

Новиот договор вклучува и опција играчот да остане и во сезоната 2027/28.

Интересно е што со овој договор, Дурант станува играчот со најголема заработка во кариерата во историјата на НБА. Вокпно досега инкасирал 598,2 милиони долари, вклучувајќи ги сегашните и идните договори. Со тоа, тој го престигна претходниот рекордер, Леброн Џејмс, кој има 583,9 милиони долари.

Дурант моментално има уште три години од неговиот договор од 144,7 милиони долари, а новиот договор веројатно му овозможува да ја заврши кариерата во Хјустон, клубот каде што најде мотивација и можност да изгради наследство на свој начин.

Дурант беше избран од Сиетл Суперсоникс како втор пик на драфтот во 2007 година, но таа франшиза беше продадена по неговата прва сезона во државата Вашингтон, се пресели во Оклахома и франшизата го смени името во Тандер. Тој играше за Оклахома до 2016 година, кога одлучи да се приклучи на Голден Стејт Вориорс како слободен агент.

По две титули во три сезони и тешката повреда на Ахиловата тетива, тој одлучи да оди во Бруклин Нетс, каде што играше четири години. Тој го напушти Њујорк во 2023 година и потпиша со Финикс Санс, а на крајот беше трејдуван во Хјустон на крајот од минатата сезона.

Тој има 37 години, што значи дека ќе игра барем до 40 години.

Scroll to Top