Наполи во дербиот на колото во Серија А го победи Интер со 3:1 и се врати на челната позиција на табелата.
Де брујне од пенал го постигна првиот гол, потоа Мектоминеј со спектакуларен удар ја зголеми предноста на Наполитанците кој ја намали од пенал Чалханоглу, а со брилијантна соло акција Ангиса стави точка на натпреварот.
Дербито на „Диего Марадона“ за „Газета дело Спорт“ го анализираше легендарниот тренер, Фабио Капело. Дон Фабио смета дека Наполи изгледал на теренот како Интер „компактен, решителен, беа подобри без Де Брујне“.
„Натпреварот помеѓу Наполи и Интер беше одраз на Серија А, каде што сè се менува толку брзо. Перцепцијата за двата тима исто така се промени. По последниот свиреж, имав впечаток дека работите се свртеа. Наполи изгледаше како Интер што го гледавме до вчера. Компактен и решителен тим.
Интер изгледаше како Наполи во натпреварите против Торино и ПСВ Ајндховен. Неорганизиран, ранлив, тим кој страда од криза на идентитетот. Точно, текот на играта беше под влијание на непостоечки пенал, но тоа не е и не може да биде изговор за „нероаѕурите“.
Тие покажаа гордост со фактот дека Алесандро Бастони ја погоди гредата, а Дензел Дамфрис стативата. Покрај тоа Интер беше непрепознатлив, секоја изгубена топка значеше контранапад за Наполи“, напиша Дон Фабио во коментар за „Газета дело Спорт“.
И покрај фактот дека европскиот вицешампион имаше речиси двојно повеќе шутеви од „Наполитанците“ (15-7) и многу повеќе посед на топката (57 проценти, наспроти 43 на домашниот тим), тимот на Кристијан Киву не изгледаше толку убедливо како во претходните натпревари. Резултатот беше уште еден пораз од директен конкурент за врвот на табелата, по Јувентус.
„Она што ме изненади најмногу беше недостатокот на рамнотежа меѓу линиите. Тоа беше силата која му донесе на Интер седум последователни победи. Можеби победата во Лигата на шампионите против Сен Жилоа му даде премногу самодоверба на тимот, а синоќа ги видов резервите кои одзедоа повеќе отколку што му донесоа на тимот. Премногу ја држеа топката во своите нозе наместо да бараат длабочина.“
Како еден од најважните моменти во натпреварот, Капело ја издвои повредата на Кевин Де Брујне. Белгиецот се повреди во моментот кога го шутна пеналот во 33-та минута. Многумина очекуваа Наполи да потоне по повредата на Белгиецот, но се случи спротивното.
„Тие повторно се пронајдоа, ја видовме енергијата што ги красеше претходната сезона. Успеаја да ги избркаат духовите што ги прогонуваа поради поразите во Торино и Ајндховен. Се вратија на првото место на табелата и тоа во дуел против директен конкурент. Ова е голема победа и за Конте, тој најде начин да го подигне моралот на тимот. Звучи парадоксално но откако излезе Де Брујне, Наполи изгледа подобро, но така беше. Видовме солиден и стабилен тим со убиствените контра-напади што ги имплементираа Замбо Ангиса и Скот Мектоминеј“.
