Италијанскиот гигант Јувентус одлучи да му се заблагодари на Игор Тудор за соработката по серијата лоши резултати што кулминираа со пораз од Лацио во Серија А, пишуваат италијанските медиуми.
Веста за неговата замена ја потврди „Скај Спорт Италија“, со кратко и јасно соопштение на платформата „X“:
„ Игор Тудор повеќе не е тренер на Јувентус“.
Поразот против Лацио беше трет по ред во домашното првенство, а Јувентус е без победа осум натпревари по ред, на последните четири тимот не постигна ниту еден гол.
Последниот триумф на тимот од Торино беше на 13 септември против Интер. Оттогаш, тие освоија само пет од можни 24 бода во Серија А и Лигата на шампионите, далеку под традиционалните стандарди на клубот.
Тудор го предводеше Јувентус од 23 март оваа година. Забележа десет победи, осум нерешени и шест порази.
Како привремено решение, „Старата дама“ го назначи Масимо Брамбиле, кој ќе го предводи тимот против Удинезе.
