Овогодишниот вицешампион во Супербајк, Николо Булега ќе го замени Марко Маркез на последните две трки од сезоната, во Портимао и Валенсија.
Макез, деветкраен светски шампион ја заврши сезоната по инцидентот на Големата награда на Индонезија, во кој се здоби со фрактура на клучната коска и оштетување на лигаментите.
Дукати минатата недела потврди дека Маркез ќе го пропушти не само финалето на сезоната, туку и предсезонските тестови во Валенсија два дена по последната трка од сезоната.
Шпанецот беше заменет од тест возачот Микеле Пиро на трките во Австралија и Малезија, а одлуката да му се даде можност на Булега да дебитира беше донесена откако ги заврши тестовите во Херез оваа недела.
За Италијанецот, Големата награда на Португалија, која се одржува од 7 до 9 ноември, ќе биде негово деби во кралската класа, откако имаше вкупно 99 стартови во пониските класи, со два подиума.
Булега беше најавен уште порано како засилување за тест тимот на Дукати, особено поради фактот што има искуство со гумите на Пирели, кои ќе пристигнат во кралската класа од 2027 година.
Италијанскиот тим имаше можност да организира приватен тест за Булега и покрај отстапките, бидејќи Херез е патеката на која влезе Дукати, а Италијанецот не е еден од стандардните возачи.
