Поранешниот капитен на Англија, Дејвид Бекам, официјално е прогласен за витез за неговите заслуги во фудбалот и неговиот придонес во британското општество.
50-годишниот Бекам, кој претходно оваа година, беше на списокот на почести за роденденот на кралот Чарлс, ја прими почеста лично од монархот за време на церемонија одржана во Беркшир.
„Не би можел да бидам погорд“, рече Бекам, „Секој знае колкав патриот сум, ја сакам мојата земја. Секогаш велев колку е важна монархијата за моето семејство. Имав привилегија да патувам низ светот и насекаде луѓето сакаат да зборуваат за нашата монархија. Тоа ме исполнува со гордост.“
Arise, Sir David Beckham! pic.twitter.com/5erW1I3ZrU
— BBC Sport (@BBCSport) November 4, 2025
Бекам одигра 115 натпревари за репрезентацијата на Англија и беше капитен на „Трите лава“ шест години, помеѓу 2000 и 2006 година.
Учествуваше на три светски првенства и две европски првенства.

Како дете на Манчестер Јунајтед, тој помина низ академијата на клубот и дебитираше за првиот тим во 1992 година. Помина 11 сезони со Јунајтед и освои сè што можеше да се освои, пред да се пресели во Реал Мадрид во 2003 година во трансфер од 25 милиони фунти.
По четири години во Шпанија, Бекам ја продолжи кариерата во ЛА Галакси, а потоа имаше две позајмици во Милано, за да се пензионира во 2013 година во дресот на Пари Сен Жермен.
Неговото влијание, сепак, оди подалеку од фудбалот. Роден во Источен Лондон, тој беше клучна фигура во кампањата што му ја донесе на Лондон титулата на Олимписките игри во 2012 година.
Тој соработува со УНИЦЕФ од 2005 година, а во 2015 година беше основан фонд во негова чест по повод десет години соработка.
Во 2024 година, Бекам стана амбасадор на Фондацијата на Кралот Чарлс, поддржувајќи ги образовните програми и иницијативи на Кралот Чарлс насочени кон доближување на природата и одржливиот живот до младите луѓе.
Денес, Бекам е ко-сопственик на Салфорд Сити, клуб од Лига 2, заедно со поранешниот соиграч Гари Невил, и ко-сопственик на Интер Мајами, тим во американската МЛС лига.
