Ждрепката за интерконтиненталниот и европскиот плејоф за пласман на Светското првенство ќе се одржи на 20 ноември во Цирих, со почеток во 13 часот.
Како што објави ФИФА, 22 селекции ќе имаат дополнителна шанса да стигнат до Светското првенство преку плејофот, 16 од Европа и шест преку Интерконтиненталниот бараж, во натпревари што ќе се играат од 23 до 31 март следната година.
16 репрезентации поделени во четири секции ќе играат во европскиот плејоф. Дванаесет места се загарантирани за второпласираните во квалификациските групи, а четири за најдобрите селекции од претходната Лига на нации кои не се меѓу двете првопласирани во квалификациските групи.
Ќе се играат четири турнири, со полуфинале и финале, а само победниците ќе одат на СП.
Македонија е блиску до место во баражот преку Ј групата. Во последниот натпревар од групната фаза Македонија ќе гостува во Кардиф, кај селекцијата на Велс.

