Top Sport

Почина Лени Вилкенс еден од најдобрите тренери на сите времиња

Лени Вилкенс, еден од најдобрите кошаркарски тренери на сите времиња, почина на 89-годишна возраст.

Семејството соопшти дека Вилкенс починал опкружен со најблиските, но причината за смртта не беше веднаш објавена.

Вилкенс беше примен во Кошаркарската сала на славните три пати: како играч, како тренер и повторно како дел од познатиот „Дрим тим“ – репрезентацијата на Соединетите Американски Држави од Олимписките игри во 1992 година.

Вилкенс беше еден од најдобрите плејмејкери на својата ера, а подоцна го донесе својот смирен и проницлив стил на клупата: прво како играч-тренер, а потоа како еден од најуспешните тренери во историјата на лигата.

За време на неговата кариера, тој водеше дури 2.487 натпревари во НБА, што сè уште е рекорд.

Како помошник тренер, Вилкенс беше член на тренерскиот персонал на оригиналниот „Дрим тим“, кој освои злато на Игрите во 1992 година. Тој, исто така, ја предводеше репрезентацијата на САД до златен медал на Олимписките игри во Атланта во 1996 година како главен тренер.

„Лени Вилкенс го претставуваше најдоброто што НБА може да го понуди: играч од Куќата на славните, тренер од Куќата на славните и еден од најпочитуваните амбасадори на нашата игра“, рече Комесарот на НБА, Адам Силвер и дополни.

„Пред четири години, Лени го доби единственото признание, беше именуван за еден од 75-те најголеми играчи и 15-те најголеми тренери на сите времиња.“

Вилкенс беше деветкратен Ол-стар. Тој е првиот тренер во историјата на НБА со најмалку 1.000 победи и вториот човек кој е примен во Куќата на славните и како играч и како тренер.

Тој ја освои титулата во НБА со Сиетл Суперсоникс во 1979 година – во тој град го нарекуваат „кум“ на кошарката. Во 2008 година, Сиетл ги загуби Суперсоникс, бидејќи тие се преселија во Оклахома Сити и го сменија своето име во Тандер.

Scroll to Top