Фудбалската репрезентација на Англија успешно ги финишира квалификациите за Светското првенство. Англичаните изборија место на Мундијалот, а од вечерва ги започнуваат подготовките за планетарната смотра. Во К групата, Англија во претпоследното коло ќе ја пречека Србија.
Пред натпреварот на „Вембли“, селекторот Томас Тухел ѝ порача на англиската јавност дека Хари Кејн, Фил Фоден и Џуд Белингам не можат да играат заедно во неговиот систем.
Тој додаде дека нема да бега од тешки одлуки дури ни на Светското првенство, бидејќи неговата работа не е сите да играат и сите да бидат среќни, туку Англија да победува.
„Можат ли да играат заедно? Можат, но во различна формација. Засега не планираме да ја менуваме структурата“, одговори Германецот на последната прес-конференција пред дуелот со Србија.
„Можеби би можеле да играат заедно, но не на иста позиција. Наместо да бараме начин сите да играат, можеби е подобро секој да игра на својата најдобра позиција и да има здрава конкуренција. Моментално, двајцата се во директна борба за место. Тие се добри пријатели, може да биде позитивно соперништво. Тие не се непријатели. Се почитуваат едни со други и се борат за истата позиција“, додаде тој, покажувајќи како се носат непријатни одлуки и во исто време отфрлајќи го притисокот од јавноста.
Белингам доби повик за прв пат од јуни и пријателскиот натпревар со Сенегал, додека Фоден не играше за националниот тим од март минатата година и дуелот со Латвија.
