Француските фудбалери обезбедија пласман на Светското првенство едно коло пред крајот на квалификациите, откако остварија убедлив триумф од 4:0 над Украина.
Килијан Мбапе беше еден од најзаслужните за пласманот на „триколорите“ на Светското првенство, но во меѓувреме се здоби со лесна повреда.
Станува збор за воспаление на зглобот, а со оглед на тоа што визата за САД, Канада и Мексико е веќе обезбедена, нема потреба најдобриот играч на Франција да се изложува на ризик во натпреварот од последното коло од Групата Д со Азербејџан (недела, 18.00 часот).
26-годишникот веќе се врати во Мадрид, каде што ќе се одмори и ќе ја санира повредата пред да ги продолжи клупските обврски.
Заедно со Мбапе, во Мадрид се врати и Едуардо Камавинга, неговиот соиграч од Реал.
„Камавинга претрпе истегнување на тетивата на левата нога. Мбапе сè уште страда од воспаление на десниот глужд, што бара дополнителни тестови. Тие ќе бидат подложени на нови тестови денес во Мадрид“, се вели во соопштението на Француската фудбалска федерација.
