Top Sport

Билд: Адејеми поради Кавгите со Ковач го напушта Дортмунд

Карим Адејеми (23), крилен играч на Борусија Дортмунд и германската репрезентација, ќе го напушта клубот со кој има договор до летото 2027 година. „Билд“, тврди дека со менаџерот на фудбалерот преговори водат Интер и Манчестер Јунајтед.

„Билд“, во објавата на оваа информација напиша дека: „Емоционалните испади и конфликтите на Адејеми со тренерот Нико Ковач придонесоа тој порано да го заврши престојот во Дортмунд“.

Проблемите на младиот напаѓач се натрупуваат и на теренот и надвор од него. Адејеми не постигнал гол, ниту асистенција од крајот на септември, а тензиите со хрватскиот тренер кулминираа во јавен конфликт.

Инцидентот се случи на 25 октомври за време на победата од 1:0 против Келн, кога Адејеми фрли шише со вода кон клупата додека го напушташе теренот. Ковач јавно го осуди таквото однесување.

Фрустрациите продолжија и за време на последниот првенствен натпревар, ремито со Хамбург (1:1), кога Ковач беше видливо незадоволен од одлуките на Адејеми на теренот, поради што го замени во 66-та минута.

„Билд“ пред две недели напиша дека менаџерот на Адејеми инсистира на долгорочно продолжување на договорот, кое би вклучувало откупна клаузула од околу 80 милиони евра. Сега, сепак, се случи пресврт. Клучна улога во евентуален трансфер би можел да игра супер агентот Жорже Мендеш, кого Адејеми неодамна го ангажираше.

Мендеш има одлични односи со раководството на „Олд Трафорд“, каде што веќе посредуваше за доаѓањето на Лени Јоро и Мануел Угарте.

Адејеми дојде во Дортмунд пред три години од Салцбург со обештетување од 30 милиони евра. Оттогаш, на 121 настап за Борусија, постигна 29 гола и забележа 22 асистенции.

Scroll to Top