Top Sport

Гут Бехрами се повреди на тренинг, под знак прашалник е нејзината кариера

Лара Гут-Бехрами доживеала тежок пад за време на тренинг во Америка. Според „Блик“, 34-годишната Швајцарка има потрес на мозокот, а се сомнева дека се оштетени предните вкрстени лигаменти, како и менискусот. Попладнево ќе биде познат степенот на повредата, по деталните лекарски прегледи во Швајцарија.

Се најавуваше дека девојката родена во Тичин, ќе ја заврши кариерата по олимписката 2026 година.

Откако ги повреди лигаментите во 2017 година, таа изјави дека не сака повторно сериозно да се повреди, но како што стојат работите, токму тоа се случило во среда за време на тренингот во Купер Маунтин.

Според информациите од швајцарските новинари, видливоста на патеката во Колорадо, за време на тренингот на брзите дисциплини, не била баш добра. Според очевидци, Лара ја закачила портата со раката, по што горниот дел од телото ѝ се ротирал и таа сериозно паднала.

Во меѓувреме, Скијачката федерација на Швајцарија ги потврди информациите за овој инцидент, нагласувајќи дека ова била последната сезона на веројатно најголемата ѕвезда во женскиот тим.

Ако Гут-Бехрами сериозно го повредила коленото, тогаш тоа веројатно е крај на една блескава кариера. Лара е поранешна двојна освојувачка на Светскиот куп, освојувачка на седум мали кристални глобуси, олимписка и светска шампионка. Таа оствари 48 победи во Светскиот куп и освои уште безброј медали на најголемите натпреварувања.

Scroll to Top