Баер Леверкузен победи кај Манчестер Сити со 2:0 во петтото коло од Лигата на шампионите. Стрелци беа Алекс Грималдо во 23-та и Патрик Шик во 54-та минута. „Фармацевтите“ со крпен состав, успеаја да го шокираа фаворитот.
И двата тима беа значително ослабени, но домаќините играа со резервен тим бидејќи така одлучи Пеп Гвардиола, а гостите бидејќи им недостасуваше повеќе од половина од тимот поради повреди и жолти картони.
Затоа Германците ја слават големата победа.
„Билд“, најчитаниот германски дневен весник, под наслов „Едвај составениот тим на Баер ја казни ароганцијата на Пеп“, пишува: „Гвардиола, во својот 100-ти натпревар во Лигата на шампионите, целосно потфрли. Тој ги остави на клупата, меѓу другите, октоподот Донарума, машината за голови на Халанд, Доку, Фоден, Рубен Дијаш и Бернардо Силва. Халанд влезе во игра дури по 0:2. Премногу доцна, Баер ја казни ароганцијата на Пеп“.
Билд истакнува: „На Баер му недостасуваат единаесет играчи од првиот тим (Андрих, Тапсоба, Хофман, Фернандез, Паласиос…). Неверојатно, на клупата, би се рекло во школската клупа, седеа шест играчи од тимот до 19 години. Младиот голман Јеспер Шлих попладнето загуби со јуниорскиот тим, до 19 години од Сити (0:6).“
По натпреварот, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ја прифати одговорноста за поразот.
„Јас ја преземам одговорноста, но ми се допаѓа што сите се вклучени. Кога си фудбалер и не играш пет, шест, седум натпревари, тешко е. Можеби имаше премногу замени. Кога си во голем тим, мора да се покажеш. Можеби играчите кои играа редовно во последно време би имале поголема самодоверба“, рече Гвардиола.
Поради послаба игра, Оскар Боб, Рико Луис и Рајан Аит-Нури беа заменети на полувремето, а подоцна Омар Мармуш го напушти натпреварот.
„Невозможно е да се помисли дека не се добри. Ако играте често, се чувствувате конфорно. Некои се плашат да не направат грешка затоа што не сакаат да направат нешто што би било лошо за тимот, но во тој момент мора да бидете слободни и да ја направите таа грешка. Халанд не може да игра 95 минути секој пат, ни требаат свежи нозе. Но, тоа беше премногу. Тоа беше прв пат во мојот живот да го направам тоа, и беше премногу.“
