Најбогатиот човек во Чешката Република, Петр Келнер е заинтересиран да го откупи тимот на Челси од Роман Абрамович, во уште една шпекулација за наводното „откажување“ на Русинот од клубот кој го направи сила во европскиот фудбал.
54-годишниот Келнер, кој своето богатство го направи во светот на осигурувањето и е сопственик на италијанската компанија „Џенерали“, според магазинот „Форбс“ е 88. најбогат човек на светот со вредност од над 15.5 милијарди долари.
Според чешкиот сајт „Тиден“, Келнер веќе ги започнал „првичните“ преговори со луѓето на Абрамович за купување на клубот, и дека е можно тој да не го земе целосно клубот, туку да откупи 50 отсто од клубот. Според „Тиден“, Келнер веќе е сопственик на ВИП-бокс на „Стемфорд бриџ“ и е огромен навивач на клубот.
Шпекулациите дека Абрамович би сакал да се „ослободи“ од Челси дојдоа откако британските власти решија да не му ја продолжат бизнис-визата за престој во Велика Британија, наводно поради блискоста со рускиот претседател Владимир Путин, и тој беше „приморан“ да земе израелско државјанство.