Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека би било невозможно во иднина тој да стане тренер на друг клуб од Англија, бидејќи сега се смета за „манкуниан“ (жител на Манчестер) довек!
Гвардиола лани ја донесе титулата за Сити со рекордни 100 освоени поени, а оваа година го продолжи договорот со клубот барем до 2020/21, откако претходно помина четири години во Барселона и три во Баерн Минхен.
„Ќе бидам манкуниан до крајот на животот, секогаш ќе бидам навивач на Манчестер сити, така што нема да биде можно да тренирам друг клуб во Англија. Тука ја чувствувам љубовта на луѓето и сакам да го направам овој клуб уште посилен“, изјави Гвардиола во интервју со радиото на „Би-би-си“.
47-годишниот Каталонец освои 14 трофеи како тренер на Барса и седум со Баерн Минхен, и сега вели дека атмосферата за работа е попријатна во Англија.
„Сега сфаќам зошто во Англија луѓето остануваат во еден клуб 20 години. Тука во текот на неделата не ги гледаш новинарите околу себе, а какви и да имаш проблеми со фудбалерите во соблекувалната (а сум имал), ништо не излегува во медиумите. Во Барса и Баерн, нешто кога ќе се случи, следниот ден е на насловните страници. Тука е поудобно за работа“, вели Гвардиола.
Фото: ЕПА