Спектакуларното пиротехничко шоу ултрасите на Баерн Минхен за време на натпреварот против Спортинг во Лигата на шампионите, не беше само израз на навивачка страст, туку внимателно осмислен потег за заобиколување на дисциплинските правила на УЕФА.
На почетокот од второто полувреме, на трибините каде што секогаш се најстраствените навивачи на Баерн беше изведено пиротехничко шоу, кога навивачите запалија 80 факели.
Според германски „Билд“, палењето факели на трибината не бил спонтан чин, туку однапред планирана акција со јасна цел, да се активира условната казна што УЕФА претходно му ја изрече на Баерн.
Клубот од Минхен ќе го игра својот следен натпревар во Лигата на шампионите, на домашен терен, против помалку атрактивниот Унион Сен Жилоа од Белгија. Баерн веќе обезбеди место во следната фаза од натпреварувањето, каде што ќе го чекаат многу посериозни ривали.
Затоа навивачите, кои беа под условна казна поради претходната употреба на пиротехнички средства, одлучија казната да си ја „одработат“ против белгискиот клуб, за да можат да направат „опасни“ кореографии во следната фаза од Лигата на шампионите против потешките ривали.
Клупските челници не се среќни од потезите што ги влечат навивачите, но немаат начин да реагираат.
Foto/ depositphotos
