Кариерата на Тајсон Фјури, по големата победа над Владимир Кличко во 2015 година, тргна по надолна линија. Откако го победи Украинецот и ја ги обедини титулите во тешка категорија, Фјури започна да се соочува со ментални проблеми, а потоа падна и на допинг тестот, поради што му беше одземена и лиценцата.
Три години потоа Фјури успеа да се врати на голема врата, забележа две победи, а на 1.декември го очекува мечот против шампионот во верзијата ВБЦ, Деонте Вајлдер во Лос Анџелес.
За најтешкиот период во животот Фјури говорел во емисијата на Џо Роган. Признал дека често се будел под дејство на кокаин и алкохол и дека не сакал да биде жив.
„Секакви мисли ми поминуваа низ главата. Летото во 2016 година купив ново Ферари, излегов на автопат и возев со голема брзина. Се приближував кон мостот и не ми беше важно, сакав да умрам. Се откажав од животот и тргнав да го направам тоа. Застанав кога слушнав глас во мојата глава: ‘немој да го правиш тоа, не го прави тоа Тајсон, мисли на семејството, мисли на децата што ќе останат без татко. Застанав, не знаев што да правам. Бев преплашен се тресев од страв. Никогаш повеќе нема да помислам на самоубиство“, рекол Фјури.