Поранешниот италијански репрезентативец Лоренцо Инсиње (34), чиј договор со Торонто истече, би можел да потпише за Лацио во зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми.
Клубот од Рим е подготвен да му понуди шест месечен договор со можност за продолжување за дополнителна сезона. Во прилог на неговото доаѓање во Лацио е фактот дека повторно би соработувал со тренерот Маурицио Сари.
Италијанскиот крилен напаѓач ги имаше најдобрите натпревари во кариерата додека Сари му беше тренер во Наполи. Во тоа време, Инсиње имаше двоцифрен број на постигнати голови, во неколку последователни сезони, а најдобрата статистика ја постигна во сезоната 2016/17, кога постигна 20 гола и забележа 11 асистенции.
Инсиње играше за Наполи осум сезони, а во летото 2022 година замина во МЛС лигата кога потпиша за Торонто. Оваа година беше неговата најлоша во дресот на Торонто, постигна само еден гол на 12 натпревари.
Постигна десет гола и исто толку асистенции на 54 натпревари за италијанската репрезентација. Тој последен пат настапи во дресот на националната репрезентација, со која го освои Евро 2020, во март 2022 година.
Foto/ depositphotos
