Top Sport

Озил: Им се смеам во лице на критичарите

Ѕвездата на Арсенал, Месут Озил вели дека воопшто не ги забележува критичарите, признавајќи дека најважното мислење за него е тоа на неговиот менаџер, Унаи Емери.

Озил ова лето беше на насловните страници во Англија и Германија, откако реши да се повлече од германската репрезентација поради наводниот расизам во неа по катастрофалното испаѓање во натпреварите по групи на СП во Русија, порачувајќи дека „кога победуваме сум Германец, кога губиме сум имигрант“.

Покрај ова тој беше мета на доста критики за неговата наводна „лежерност“ на теренот, но сега вели дека тоа не го загрижува.

„Само се смеам кога ќе ме критикуваат. Веќе не сум толку млад. Почнав да играм професионално на 16 или 17 години и секогаш било горе-долу со мене – на луѓето или им се допаѓам или не. Не ги слушам тие луѓе. Го слушам тренерот и луѓето кои се искрени и ми ги кажуваат работите в лице. Секако, ако играм лошо, веднаш го знам тоа, исто како кога ќе играм добро. Најважно е тренерот да може да ми помогне. Ако згрешам, ќе разговараме и ќе бидам подобар во иднина. Но, луѓето сакаат да кажуваат лоши работи за мене, само за да бидат во весниците. Го знам тоа и не ми е грижа“, вели Озил во интервју за „Скај спортс“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top