Top Sport

Пол-позиција за Рикардо, Ферстапен втор

Возачите на Ред Бул, Даниел Рикардо и Макс Ферстапен доминираа во квалификациите во пресрет на утрешната трка за Големата награда на Мексико. Пол-позицијата ја освои Рикардо кој од тимскиот колега имаше подобро време за само 26 илјадити делови од секундата. Трет трката ќе ја стартува актуелниот шампион и лидерот во генералниот пласман Луис Хамилтон.

Рикардо најдоброто време во квалификациите (1:14.759 минути), го постави во последниот круг. Австралиецот кој на крајот од сезоната ќе го напушти Ред Бул ја освои четвртата пол-позиција во кариерата.

Најдобриот на тренинзите, Макс Ферстапен до последниот круг ја имаше пол-позицијата, а на крајот задоцни 26 илјадити делови од секундата за Рикардо.

Трет на стартот ќе биде Луис Хамилтон (1:14.894) кој во трката влегува со 70 бода повеќе од Себастијан Фетел. За да ја одбрани титулата веќе во Мексико на Хамилтон му е потребно трката да ја заврши до седмото место.

Од вториот ред, веднаш до Хамилтон, ќе стартува Фетел.

Третиот ред е резервиран за колегите на Хамилтон и Фетел, Валтери Ботас и Кими Раиконен.

Најдобрите десет на патеката „Ерманос Родригес“ ја компелетираа пилотите на Рено и Заубер, Нико Хулкенберг и Карлос Саинц, односно Шарл Леклер на Торо Росо и Маркус Ериксон.

Трката за Големата награда на Мексико, в недела, ќе започне во 20:10 часот по средно-европско време.

Scroll to Top