Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, се огласи по дебаклот на тимот на Ханси Флик против Атлетико (0:4) во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Шпанија.
Сите голови, Атлетико ги постигна во првото полувреме, кога буквално четата на Флик беше декласирана. Наместо честитки до ривалот, од таборот на Барса, од самиот врв на клубот, доаѓаат само критики на сметка на околностите што доведоа до дебаклот.
Лапорта, како и тренерот Флик, ги обвини сите освен неговиот тим за тешкиот пораз.
„Имам целосна поддршка од Ханси Флик и играчите, како и од директорот Деко, од целиот тим. Со силата што ја имаат навивачите на Барса, убеден сум дека имаме историска можност за голем пресврт во реваншот на 3 март. За жал, во Мадрид претрпевме цела низа неволји, од теренот во лоша состојба до поништениот гол што нè спречи да го започнеме пресвртот што е можен во реваншот ако сите се консолидираме и се здружиме за да го поддржиме и навиваме тимот како во големите епски ноќи што ги доживеавме на нашиот стадион“, рече првиот човек на Барселона.
Потоа ги критикуваше судиите и ги повика навивачите да бидат подготвени да се борат „против сè и секого“.
„Што се однесува до поништениот гол на Кубарси, тој само додаде сол на раната бидејќи потсетува на голот на Јамал, исто така неправедно поништен неодамна, на Аноета, против Реал Сосиедад. Ништо овде не е безопасно. Затоа мора да се бориме против сè и секого. Сега, повеќе од кога било, потребно е да бидеме со нашите играчи. Ги молам членовите и сите навивачи да ја покажат благодарноста и наклонетоста што ја имаме кон нив и колку горди нè прават со начинот на кој ги бранат нашите бои. Да живее Барса, да живее Каталонија!“, заклучи Лапорта.
Foto/ depositphotos
