Лондонските гиганти Челси и Арсенал имаа тешки гостувања во 10. коло од Премиер лигата, во кои „сините“ беа убедливи, додека Арсенал не успеа да стигне до неверојатната 12 победа во низа.
Челси стигна до убедлива гостинска победа од 4:0 кај Барнли со головите на Алваро Мората, Рос Баркли, Вилијан и Рубен Лофтус-Чик за да се искачи на второто место на табелата со 24 поени, два помалку од Ливерпул, кои од вчера се лидери (барем пред дуелот на Манчестер сити во понеделник).
Арсенал не успеа да го одржи темпото со најдобрите, откако одигра 2:2 на гостувањето кај Кристал палас, кои стигнаа до израмнувачки гол во финишот на натпреварот.
Домаќините дојдоа во водство со гол од пенал во првото полувреме, пред „топчиите“ да направат пресврт со головите на Гранит Џака и Пјер-Емерик Обамејанг за само 5 минути. Одлучувачки за ремито беше уште еднаш пенал, кој го направи Џака, и капитенот на клубот, Лука Миливојевиќ немаше проблем да го совлада Бернд Лено.
Фото: ЕПА