Поранешниот претседател на Барселона, Џоан Лапорта, во понеделникот ја претстави својата книга „Како ја спасивме Барса“, во која, меѓу другото, се осврнува на таканаречениот случај Негреира.
Во книгата, Лапорта ги отфрла сите обвинувања за корупција во судењето и повторно го впери прстот кон најголемиот ривал Реал Мадрид. Тврди дека најголемиот скандал во историјата на шпанскиот фудбал е фактот што луѓе поврзани со Реал назначувале судии 70 години.
Книгата, која ќе биде во продажба од 24 февруари, се занимава со вториот петгодишен мандат на Лапорта на чело на клубот, за време на кој се соочил со хаотична финансиска ситуација, заминувањата на Лионел Меси, Роналд Куман и Чави Ернандез и лансирањето на Суперлигата.
Едно од поглавјата е посветено на случајот Негреирао, во кој Лапорта инсистира дека Барселона не направила ништо нелегално. Во книгата, тој, исто така, упатува јавен предизвик до сите што го обвинуваат клубот.
„Нема докази дека исплатите на Барселона на компании поврзани со поранешниот потпретседател на Судиската комисија влијаеле врз делегирањето на судиите или врз исходот од натпреварите. Ги поканувам сите оние кои толку лесно и лекомислено нè обвинуваат за корупција на судиите да наведат еден натпревар, гол, акција или контроверзна одлука што би била последица на тие технички консултации“, рече Лапорта.
Реакцијата на Лапорта доаѓа откако претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, пред неколку дена изјави дека случајот Негреира е најголемиот скандал во светскиот фудбал и побара Барселона да биде казнета. Во книгата, Лапорта го обвинува Реал Мадрид дека е циничен затоа што се претставува како жртва.
„Треба да се запомни дека седум децении, речиси без прекин, претседателите на судиските организации, како и да се нарекуваа, беа навивачи на Реал Мадрид, поранешни играчи или поранешни директори на клубови. Значи, седумдесет години, членови, поранешни играчи или поранешни директори на Реал Мадрид назначуваа судии кои требаше да ја делат правдата во натпреварите од Ла Лига и Купот на Кралот. Ова е, без сомнение, најголемиот скандал во историјата на шпанскиот фудбал“, нагласува поранешниот претседател на Барселона.
Foto/ depositphotos
