Актуелниот шампион на Бразил и Јужна Америка, фудбалскиот клуб Фламенго го отпушти талентираниот тренер Фелипе Луис.
Оваа вест немаше да привлече внимание во светот на фудбалот доколку одлуката за негово отпуштање не беше донесена само неколку часа по победата од 8:0.
Фламенго победи во дуелот со Мадуреира и се пласираше во финалето на првенството Кариока, локалното првенство на државата Рио де Жанеиро.
Бразилскиот клуб му се заблагодари на својот поранешен играч и тренер кој си заминува со импресивни успеси во последните неколку години.
Фелипе Луис го предводеше Фламенго до трофејот во Купот на Бразил 2024, а минатата година го освои првенството Кариока, бразилското првенство и конечно Копа Либертадорес. Откако минатата година ја освои титулата во Бразил, а претходно и титулата во Копа Либертадорес, тој доби нов договор.
Сепак, му пресуди лошиот почеток на 2026 година, во кој Фламенго го загуби Бразилскиот Суперкуп од Коринтијанс и Јужноамериканскиот Суперкуп, наречен Рекопа Судамерикана од аргентинскиот Ланус.
Во бразилското првенство, тимот е на 11-то место со само една победа од три натпревари.
Поради лошите игри, незадоволството кај навивачите растеше, а некои од нив го навредуваа тренерот за време на натпреварот против Ланус на „Маракана“.
Фелипе Луис одигра 175 натпревари за Фламенго, од каде се пензионираше во 2023 година, а фудбалскиот свет го памети како бескомпромисен дефанзивец на Атлетико Мадрид, за кого играше вкупно осум сезони во два мандата и одигра 333 натпревари за „јорганџиите“.
