Кошаркарите на Јута победија во Далас, ЛА Клиперс го декласираа Вашинтон, Оклахома победи прв пат во новата сезона, а Голден стејт триумфираа во Бруклин, ова е епилогот од натпреварите што во текот на изминатата ноќ се одиграа во НБА лигата.
Јута во целост го контролираше дуелот во Далас, неколку пати имаше двоцифрена предност, а откако во третиот период го одби нападот на домаќинот, запиша рутинска победа.
Јута во Далас победи 113:104, благодарение на Руди Гобер (23 поени, 16 скока) и Донован Мичел (20 поени). Далас го предводеше Денис Смит јуниор со 27 поени, а пет поени помалку постигна Весли Метјуз.
Оклахома, во петтиот меч, прв пат победи во новата сезона. Тандер, во чии редови Расел Вестбрук постигна 23 поени, а Нерленс Ноел имаше учинок од 20 поени и 15 скока, славеа над Феникс 117:110. Феникс остана на една победа, а против Оклахома загуби петти пат во низа. Деандре Ејрон, првиот пик на драфтот, го предводеше тимот со 16 поени и 11 скока.
ЛА Клиперс убедливо славеа во дуелот со Вашингтон Визардс 136:104. Тобијас Херис со 21 поен и 11 скока ги предводеше победниците, а треба да се истакне и учинок на српскиот центар Бобан Марјановиќ, кој за 11 минути на теренот забележа 13 поени и девет скока.
Актуелните шампиони Голден сјет во Бруклин, славеа против Нетс 120:114. Стеф Кари мечот го заврши со 35 поени, 24 од нив постигна во првиот дел, а го следеше Кевин Дурент со 34 поени и осум скока.