Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија првиот трофеј оваа сезона во Англија.
Екипата на Пеп Гвардиола го победи Арсенал со 2:0 на Вембли, во финалето на Лига Купот, а херој беше двојниот стрелец Нико О’Рајли.
Сити го освои Лига Купот по деветти пат, Арсенал остана со само два, а од вечерва е јасно дека „топџиите“ нема да имаат историска сезона и да ги земат сите четири пехари, бидејќи се во игра за Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Купот.
Долго време Арсенал игра „на сигурно“ и победува на „мускули“ во Премиер лигата, Микел Артета беше силно критикуван за таквиот пристап, но вечерва најде на инспирираниот Сити.
Гвардиола му одржа лекција, се искупи по испаѓањето од Реал во Лигата на шампионите, но и ја врати вербата дека Сити може да стигне до првото место во првенството на крајот од сезоната.
Првото полувреме, најблаго кажано беше ужасно, со минимален квалитет, повеќе наликуваше на шаховска партија. Во второто Сити нападна, пристисокот беше толку силен, што Арсенал буквално не можеше напред.
Блиц-кригот на О’Рајли го реши победникот. Во 60-та минута ја искористи аметарската реакција на Кепа Аризабалага и од два ,етри ја спроведе топката во голот, а четири минути подоцна извонредно реагираше по центаршутот на Матеус Нуњес.
Колку беше лош Арсенал во финалето, говори и податокот дека првта сериозна шанса ја имаа во 88-та минута кога Габриел Жесус ја погоди гредата.
Со оваа победа, Пеп Гвардиола стана единствениот менаџер во историјата на англискиот фудбал со пет трофеи во Лига купот. Ова е неговиот 15-ти трофеј вкупно откако седна на клупата на Сити во 2016 година.
Арсенал, од друга страна, долго време нема трофеј. Последната титула, а да не е Комјунити Шилд, ја освои тимот на Микел Артета во ФА Купот во 2020 година. Тоа беше година обележана со Ковид и купот се играше без публика.
Последниот трофеј на Арсенал пред навивачите беше освоен во сезоната 2016/2017.
Foto/ EPA
