Стадионот „Сантијаго Бернабеу“ наскоро ќе добие сосема ново лице, а наместо фудбал, таму ќе се тренира тенис, и тоа пред Мастерсот во Мадрид.
Челниците на Реал Мадрид решија да го искористат периодот во кој првиот тим нема да игра дома и да го претворат стадионот во привремен центар за тренинг на земјена подлога за врвни тенисери.
На крајот на април, „Кралевски клуб“ ќе има три поврзани гостувања, па стадионот ќе остане неискористен неколку дена по дуелот со Алавес.
Наместо просторот да зјае празен, донесена е одлука да се создаде ексклузивна база за подготовка на учесниците на еден од најголемите турнири на земјена подлога. Самите натпревари нема да се играат на „Бернабеу“.
Главниот дел од турнирот сè уште останува резервиран за „Каха Магика“, која, како и досега, ќе биде домаќин на сите АТП и ВТА натпревари од 22 април до 3 мај.
Новите терени на „Бернабеу“ ќе се користат исклучиво за тренинг, а ќе им обезбедат на играчите помирни и полуксузни услови во споредба со стандардните терени во комплексот „Каха Магика“, кои често се преоптоварени за време на турнирите.
Овој потег дополнително ја потврдува трансформацијата на стадионот по неодамнешното реновирање, кое му даде на Реал Мадрид мултифункционален објект способен да биде домаќин на разни големи настани – од спортски спектакли до други масовни настани, со одредени ограничувања кога станува збор за концерти.
