Лидерите во Источната и Западната конференција, Детроит и Оклахома, забележаа победи нд Орландо, односно Феникс, во вторите натпревари во плејоф сериите. Детроит изедначи на 1-1 против Орландо, додека Оклахома води 2-0 против Феникс.
По поразот во првиот дуел, тимот на Детроит Пистонс одговори на предизвикот, но малкумина можеа да го предвидат она што се случи на теренот.
По изедначено прво полувреме, на почетокот од третата четвртина следеше нереална серија од 30-3, која целосно го уништи Орландо и го претвори изедначениот натпревар во целосна доминација на домашниот тим.
Централна фигура беше Кејд Канингем со 27 поени и 11 асистенции, но овој пат имаше многу поголема поддршка отколку во првиот натпревар. Дури шест играчи на Детроит завршија со двоцифрен број на поени.
Важно е да се истакне дека со овој триумф, Детроит ја прекина историски лошата серија од 11 последователни порази дома во плејофот. Славеа пред своја публика за прв пат од 2008 година.
Актуелниот првак, Оклахома немаше проблем со Феникс и во вториот меч. Тандер повторно убедливо славеа, 120:107.
Оклахома Сити Тандер, рутински стигна до вториот триумф, а веќе по третата четвртина натпреварот беше решен.
Шеј Гилџис-Александер ги предводеше Тандер со 37 поени, девет асистенции и пет скока.
Чет Холмгрен го следеше со 19 поени и осум скока, ист број на поени постигна и Џејлен Вилијамс. Проблем за Оклахома е што Вилијамс го напушти теренот во третиот период поради повреда на „задната ложа“ на левата нога. Сезонава поради оваа повреда, но на десната нога, тој пропушти 30 натпревари.
Санс се одржаа само во првото полувреме, а во третата четвртина домаќинот наметна посилен ритам (35:20) и со тоа доби недостижна предност од 20 поени.
Дилон Брукс беше најефикасен кај гостите со 30 поени и шест скока. Девин Букер имаше 22 поени, седум скока и четири асистенции, а Џејлен Грин забележа 21 поен и пет скока.
Третиот и четвртиот натпревар се закажани во Феникс на 25 и 28 април.
