Тренерот на Баерн Минхен, Венсан Компани, на интересен начин го најави првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен.
Белгискиот стручњак, поради суспензија, нема да го води натпреварот од клупата, туку ќе биде на трибините, на „Паркот на Принцовите“.
„Ќе седам некаде на стадионот, можеби близу вас новинарите. Процедурите се јасни, знам што можам, а што не можам да правам. Најважно е да го решиме ова како тим. Убеден сум дека можеме да го направиме тоа“, почна Компани и продолжи:
„Ќе ме замени Арон Данкс. Тој има искуство, водеше натпревари во Англија, седеше на клупата на Астон Вила. Како се одлучив за него? Лесно. Тој е гласен на тренинзите и на натпреварите. Имам 100 проценти доверба во него и во целиот тренерски штаб.“
Новинарите на шега го прашаа дали би се „шверцувал“ во соблекувалната во корпа за алишта, како што некогаш правеше Жозе Мурињо.
„Со висина од 1,92, тешко дека би можел да се сместам во која било корпа за алишта“.
Како да се запре нападот на ПСЖ со Дембеле, Дуе, Кварацхелија?
„Можам да го прашам истото – како тие планираат да нè запрат? И двата тима имаат неверојатна креативна и напаѓачка моќ. Деталите, енергијата, интензитетот ќе одлучат. Игравме со нив и претходно, добро ги познаваме. Кога играте против ПСЖ, тоа е како да ве погоди бура на отворен пат. Секако, Баерн нема да се крие, нема да избега. Поентата е јасна, нема да биде шаховска партија, туку натпревар на идеи и брзина. Дали мислам дека се работи за финале пред финалето? Не би рекол. Има уште два одлични тима. Сите имаат право да сонуваат за шампионската титула.“
Баварците ќе бидат без Серж Гнабри, Ленарт Карл, Том Бишоф и Рафаел Гереиро, кои се повредени.
„Секогаш е убаво кога имате комплетен тим на располагање. Го загубивме Серж Гнабри до крајот на сезоната, повредата на Рафаел Гереиро не е сериозна, тој брзо ќе се врати, а очекувам истото да се случи и со Бишоф и Карл“.
Гнабри ќе биде заменет од Џамал Мусијала.
„Тој се снаоѓа добро. За играч како него, играњето фудбал е одговор на сè. Не треба премногу да биде под стрес, само оставете го да продолжи како што беше досега. Ќе му дадам повеќе време, тој повторно може да биде наш клучен играч“.
Тој го пофали својот колега Луис Енрике.
„Пред година и пол го критикуваа, но дури и тогаш видов дека гради нешто големо. Воопшто не сум изненаден што ја освоија Лигата на шампионите минатата година. Неговите тимови секогаш имаат вистински тимски дух, се борат, знаат како да играат фудбал“.
Исто така и неговите играчи Мајкл Олисес и Хари Кејн.
„Михаел е опседнат со детали, како Кевин Де Брујне. Сака да се шегува, но кога работи – тогаш тоа е максимален фокус. Има правилен став. Хари? Хари е како вино – станува подобар со возраста. Во Англија, го гледаа само како стрелец на голови. Ми се чини дека неговата фудбалска интелигенција беше потценета“, заклучи Компани.
Foto/ Depositphotos
