Одбројувањето до кулминацијата на сезоната започна – финалето на Лигата на шампионите ќе се одигра на 30 мај,на „Пушкаш Арена“, во Будимпешта.
Тренерот на новиот/стариот шампион на Франција и новиот/стариот финалист на Лигата на шампионите на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, разговараше со новинарите, десет дена пред натпреварот на сезоната, за предизвикот наречен Арсенал.
На прашањето, каков ефект врз играта на Арсенал, ќе има фактот дека станаа шампиони на Англија, Енрике одговори:
„Никој не знае. Заслужија да ја освојат титулата, имаа неверојатна сезона. Имаме искуство против Арсенал и Микел Артета, ја знаеме нивната способност да играат со и без топка, тие се најдобриот тим во светот. Тоа е многу привлечна комбинација. Ако не примите гол, а постигнете гол, тоа е фантастично. Ќе биде тешко финале, два тима ќе влезат со различен пристап. Може да биде одлично финале.“
Шпанскиот стратег зборуваше во суперлативи за работата на Артета во сите претходни години на клупата на Арсенал. Тој тврди дека неговиот сонародник го вратил победничкиот менталитет во тимот.
„Тој го донесе тој победнички менталитет во Арсенал. Топџиите напредуваат под негово водство веќе неколку сезони. Тие се многу добри со топката. Не секогаш имавме посед против нив. Без топката, тие се најдобриот тим во Европа. Тие се шампиони на Англија. Не стигнаа до финалето минатата година затоа што ги елиминиравме. Артета е одличен тренер. Тој беше во многу добра позиција да учи со Пеп Гвардиола во Манчестер Сити. Она што го всадува е натпреварувачки дух и тие се одличен противник. Го познавав како играч во Барселона пред да оди во Париз. Нивната статистика е неверојатна. Игравме против нив три пати“.
Тој очекува спектакл од финалето.
„Ќе биде возбудливо финале. Едвај чекаме да го играме. Бев таму последниот пат кога загубија, како навивач на Барса, со мојот син. Беше добро затоа што Барса победи (се насмевнува).Се надевам дека ќе победиме, но ќе биде тежок натпревар. Ќе ја имаме поддршката од нашите навивачи, тие се неверојатни. Ќе имаме предност затоа што се неверојатни. Ќе се обидеме да покажеме колку е одличен фудбалот.“
Foto/ Depositphotos
