Top Sport

Напаѓачот на Ленс одби да игра на Мундијалот бидејќи не играше во квалификациите

Поранешниот напаѓач на ПСЖ, Одсон Едуар, откри дека ја одбил шансата да го претставува Хаити на претстојното Светско првенство иако ќе му бил загарантиран настап на најголемата фудбалска сцена.

Напаѓачот објасни дека ја донел одлуката од, како што вели, принципиелни причини, бидејќи не сака да ги „прескокне“ играчите кои ги поминале комплетните квалификации.

„Не чувствував дека е исправно да играм на ова Светско првенство. Играчите се бореа низ квалификациите, а јас не сакав да дојдам во последен час и да го искористам тоа. Ако играм, тоа морам и да го заслужам“, рече Едуар.

Напаѓачот, кој моментално игра за францускиот тим Ленс, практично го стави својот личен морален став пред можноста да игра на Светското првенство.

Хаити, кој учествува на турнирот во група со селекциите на Шкотска, Бразил и Мароко, со тоа останува без потенцијално важно засилување во нападот, иако сè уште смета на играчи како Вилсон Исидор.

Едуар додаде дека сè уште не ја затвора вратата за можноста еден ден да игра за Франција, што би му било невозможно во случај да ја прифати поканата на Хаити.

Напаѓачот постигна 14 гола со три асистенции на 34 натпревари во сите натпреварувања за Ленс оваа сезона, а постигна 17 голови на 14 натпревари за француската репрезентација до 21 година.

Ја започна својата кариера во ПСЖ, а играше и за Тулуз, Селтик, Кристал Палас и Лестер пред да се пресели во Ленс, кој долго време беше единствен конкурент на „Светците“ во борбата за титулата во француското првенство.

Црвено-златните ја крунисаа одличната сезона со трофејот од Купот на Франција, прв во историјата на клубот основан пред 120 години.

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');