Како и да заврши Светското првенство во фудбал, веќе сега се знае дека најголемото разочарување е репрезентацијата на Турција. Селекцијата предводена од Винченцо Монтела по само два натпревари, во Д групата, доживеа елиминација.
Турците беа шокирани на стартот од Австралија, а во втората рунда доживеаја уште поголем шок, загубија и од Парагвај, со гол постигнат по само 65 секунди игра.
Не им помогна ниту исклучувањето на Алмирон и играч повеќе на теренот во текот на целото второ полувреме.
Монтела не го криеше разочарувањето од исходот на турнирот. „Многу, многу ми е жал. Доживеавме големо разочарување. Очекувањата на нашата нација беа огромни, а и нашите очекувања беа високи. Жал ми е и за луѓето од Турската фудбалска асоцијација. Знам колку напорно работеа, како и за самите фудбалери“, рече италијанскиот тренер.
Коментирајќи ја статистиката, Монтела истакна неверојатен сплет на околности.
„Во фудбалот сум 35 години. Вакви работи нормално се случуваат еднаш на 50 години, а ни се случи нам во два натпревари. Упативме 65 шутеви во тие два натпревари (62 според официјалната статистика), а да не зборуваме за поседот на топката. Среќата едноставно не беше на наша страна“, рече тој и додаде: „Им реков на моите играчи да ги држат главите горе. Како што велат, не можеш да се бориш со судбината“.
Foto/ Depositphotos
