Марин Чилиќ и Доминик Тим ја комплетираа листата на учесници на завршниот мастерс во сезоната, кој во перидот од 11. до 18.ноември ќе се одржи во Лондон. Хрватот и Австриецот им се приклучија на шестмината тенисери (Ѓоковиќ, Надал, Федерер, Дел Потро, Зверев и Андерсон) кои претходно обезбедија пласман на турнирот.
Групите за завршниот мастерс ќе бидат извлечени в понеделник, на 5.ноември, кога ќе биде познато дали Надал ќе учествува на турнирот и кој ќе го замени повредениот Дел Потро.
Марин Чилиќ оваа сезона го освои турнирот во Квинс и играше во финалето на Австралија опен. Хрватот, на мастерс турнирите во Рим и Синсинати, играше во полу-финалето.
Чилиќ во моментов се наоѓа на седмото место на АТП листата, а на почетокот на годината беше трет во светот, што е негов најдобра пласман во кариерата.
Доминик Тим, втора година по ред има повеќе од 50 победи во сезоната. Австриецот освои три турнири од серијата 250 (Буенос Аирес, Лион и Санкт Петербург), а играше финале на Рола Гарос и на мастерсот во Мадрид.