Top Sport

(Видео) Ова е дресот на Меси за прошталниот натпревар

„Адидас“ и Аргентинската фудбалска асоцијација објавија специјален дрес посветен на Лионел Меси, кој еден од најдобрите фудбалери на сите времиња ќе го носи на прошталниот натпревар против Бенин на 6 октомври на стадионот „Монументал“.

Дресот е подготвен за последниот натпревар на Меси за репрезентацијата на Аргентина, за која одигра 207 натпревари и постигна 125 гола.

Дизајнот на дресот за гости се разликува од традиционалниот дрес на Аргетнина, со вертикални ленти. Основата е небесно сина, додека широка бела лента се протега по средината на дресот.

На предната и задната страна се прикажани зраци инспирирани од сонцето на маите, еден од националните симболи на Аргентина.

Наместо вообичаеното лого на „Адидас“, на десната страна од градите се наоѓа личното лого на Меси во облик на буквата М, изработено во златна боја. На левата страна се наоѓа грбот на Аргентина со три ѕвезди, исто така украсен со златни детали.

На задната страна од дресот е напишано „Меси 10“ со златни букви, врамено со мотив од сончеви зраци.

Меси го претстави дресот на социјалните мрежи со пораката:

„Уште еден натпревар… Дрес за цел живот“.

Меси ги освои сите најважни трофеи со аргентинската репрезентација. Својот прв голем успех го постигна во 2005 година, кога стана светски шампион со младата репрезентација, додека три години подоцна го освои златниот медал на Олимписките игри во Пекинг.

Ја предводеше сениорската репрезентација до титули на Копа Америка во 2021 и 2024 година, како и до трофејот на „Финалисима“ во 2022 година, во кој се среќаваат шампионите на Јужна Америка и Европа.

Својот најголем успех го постигна на Светското првенство во Катар во 2022 година. Аргентина ја победи Франција во финалето по изведување на пенали, а Меси беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

Foto/ Depositphotos

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');