Стеф Кари не оди никаде. Тој го продолжи договорот со Голден Стејт, единствената франшиза за која играл досега во неговата долга НБА кариера.
Новиот договор што го потпиша најдобриот шутер во историјата на НБА, трае две години, а за сезоната 2028/29 постои клаузула каде што играчот ќе избере дали сака да продолжи. Договорот е вреден 116 милиони долари, што значи дека легендарниот кошаркар се согласил и на намалување на платата.
Според „ESPN“, вкупната заработка на Кари од неговите договори во НБА сега е околу 652 милиони долари, со што ги надмина 598-те милиони долари на Кевин Дурант и 592-те милиони долари на Леброн Џејмс.
Кари имаше неколку понуди во претходните недели и месеци од Вориорс, а една од нив беше да почека, што би го направило договорот малку пофлексибилен. Сепак Кари се реши за сигурна опција.
Сегашниот договор му гарантира на Кари 62,6 милиони долари, а тој би можел да потпише продолжување на договорот во вредност од 136 милиони. Вкупно, Вориорс добиваат 10 милиони долари простор во „селери капот“, така што би можеле да привлечат слободен агент или да имаат можност за размена во следните 12 месеци.
Кари освои четири шампионски титули со клубот, а двапати беше прогласен за најкорисен играч во регуларната сезона. Еднаш ја однесе дома наградата за најкорисен играч на финалето.
Кари 12 пати учествуваше во натпреварот на Сите ѕвезди, додека 11 пати беше избран во најдобрата петорка во лигата.
Foto/ Depositphotos
