Шон Гарднер, Американец кој некогаш бил истакнат тренер по гимнастика за млади спортисти, бил осуден на 90 години затвор за тајно снимање на своите млади спортисти додека се пресоблекуваат и го користат тоалетот во теретана во Мисисипи.
Окружниот судија на САД, Кристи Џонсон, го осуди 39-годишниот Гарднер на максимална можна казна по три точки за производство на детска порнографија.
Гардерн се изјасни за виновен за поставување скриена камера во тоалетот на гимнастичката сала во Пурвис, Мисисипи, помеѓу декември 2017 и април 2018 година, за да ги снима своите ученички.
Истражителите велат дека тој направил видео снимки одблизу на најмалку 10 малолетни девојчиња додека биле голи или соблечени; тој материјал не бил откриен на неговите компјутери сè до неколку години подоцна, додека властите истражувале обвинувања дека сексуално нападнал гимнастичарки во Ајова.
Истражителите заплениле околу 50 видеа и 400 фотографии како доказ. Апсењето на Гарднер од страна на ФБИ минатото лето повторно ги покрена прашањата за тоа дали американските организации за гимнастика направиле доволно за да ги заштитат спортистките од сексуална злоупотреба од страна на моќен тренер.
Една од неговите поранешни ученички изјави за „CBS News“, дека Гарднер бил харизматичен и дека во тоа време била толку млада што не сфатила дека однесувањето на нејзиниот тренер, особено на крајот од тренингот, било несоодветно.
„Секој од нас се редеше за прегратка, а тој нè бакнуваше на челото и нè потапкаше по задникот“, рече Либерти Рејнс, која имала 11 години кога почнала да тренира во клубот „Џам ин Гимнастик“ во Пурвис.
Foto/ Depositphotos
