Односот меѓу селекторот француската фудбалска репрезентација, Зинедин Зидан, и капитенот, Килијан Мбапе, наводно е сериозно нарушен, тврдат француските медиуми.
Напаѓачот на Реал Мадрид ќе го пропушти натпреварот од Лигата на нации против Италија поради проблем со тетивата, но според ТВ-водителот Сирил Хануна, повредата не е единствената причина за неговото отсуство.
Во емисијата „Tout beau, tout neuf“, Хануна тврдеше дека имало несогласувања меѓу селекторот и капитенот и дека Зидан нема намера да го толерира однесувањето на најголемата ѕвезда на францускиот тим.
Наводните проблеми започнале уште за време на првиот собир на националниот тим под водство на Зидан, кога новиот селектор одлучи да го постави Мбапе на левата страна од нападот, додека на Усман Дембеле му беше доделена улогата на централен напаѓач.
Таквата одлука наводно не наишла на одобрение од капитенот на Франција, кој во Реал игра на позицијата централен напаѓач.
Хануна тврди дека Мбапе не бил задоволен ниту од својата физичка подготвеност, поради што не сакал да ризикува со својот настап против Италија.
„Зидан нема да биде толку попустлив кон него како што беше Дидие Дешан. Мбапе се однесуваше како разгалена ѕвезда, велејќи дека има многу повреди и дека не знае дали ќе игра. Зидан одговори дека тогаш нема да игра“, рече Хануна.
Телевизискиот водител тврди и дека односите меѓу Мбапе и одредени соиграчи не се најдобри, како и дека ситуацијата во репрезентацијата е доста напната.
Според него, Зидан решил да го покаже својот авторитет и му рекол на капитенот дека нема да игра против Италија, но дека може да се врати во тимот за следниот дуел со Турција.
Foto/ Depositphotos
