Црвена ѕвезда е приказната на денот во фудбалскиот свет. Српскиот шампион, синоќа во Белград на колена го фрли Ливерпул, во четвртото коло, во Лигата на шампионите. Најголемата победа на Црвена ѕвезда во последните 20 и нешто години, доаѓа во периодот кога „Фудбал ликс“ објави документи дека богатите европски клубови се подготвуваат од 2021 година да направат своја Суперлига.
Токму таа Суперлига, која би била резервирана само за 11.најбогати клуба и уште пет што би добиле специјални покани, доминираат во текстот на влијателниот „ЕСПН“.
„Толку значајна победа Црвена ѕвезда не забележала уште од 1991 година и победата не можеше да дојде во подобро време. Во неделата кога европските великани соопштија дека планираат да основаат нова ‘Суперлига’, српскиот шампион го демонстрираше сето она што спортот не смее да го изгуби“, пишува во текстот на „ЕСПН“.
Авторот на текстот, Ник Ејмс, изразил надеж дека победата на Црвена ѕвезда над Ливерпул ја гледале челниците на најголемите европски клубови.
„Победата покажа дека треба да се бориме за душата на фудбалот“.
Новинарот пишува дека фудбалерите на Ливерпул биле ‘претепани’ ос страна на десетмина во црвено-бели дресови и дека не успеале да се изборат со ‘кулата’ Павков, кој со два проектили го решил мечот, а не останал имун ниту на атмосферата на стадионот.
„Враќањето на Црвена ѕвезда на врвот ги остави романтичарите со замаглени очи, а многу поголеми битки следуваат. Повеќе вакви ‘олд скул’ ноќи ќе помогнат и ќе подвлечат црта дека ова не смееме да го изгубиме само поради корпоративната алчност. Клубовите што треба да бидат ‘фрлени низ ветер’, поради големите тимови сега повеќе од било кога треба да имаат право на глас“, е заклучокот на Ник Ејмс од „ЕСПН“.