Легендата на австралискиот фудбал, Хери Кјуел доби отказ од англискиот третолигаш Нотс каунти само три месеци откако стана менаџер на клубот заменувајќи го Кевин Нолан.
Кјуел, кој од 1996 до 2008 година играше во Премиер лигата за Лидс и Ливерпул, оствари само три победи во 14 натпревари откако го замени Нолан на крајот на август. Поразот од 4:0 во ФА купот против Барнсли беше последната „капка“ за претседателот на клубот, Алан Харди.
„Страста на Хери и посветеноста кон работата се несомнени и жал ми е што ќе му ја одземеме таа работа. За жал, работите едноставно не функционираат за нашиот тим, резултатите не беа доволно добри и мораме да смениме нешто“, изјави Харди.
40-годишниот Кјуел, кој имаше 56 настапи за австралиската репрезентација, ја почна својата кариера во уште еден англиски нисколигаш, Краули во 2017 година.