Клаудио Раниери ги предупреди навивачите на Фулам дека е невозможно да се очекува повторување на „бајката“ со Лестер и освојувањето на титулата од Премиер лигата.
Италијанецот беше именуван како замена за Славиша Јокановиќ во средата, по третпат враќајќи се во Премиер лигата по катастрофалниот старт на сезоната за новиот премиерлигаш. Во последната посет на Англија, Раниери ги крена Лестер до титулата во 2015/16, според многумина едно од најголемите спортски изненадувања во историјата.
Тој беше отпуштен во февруари 2017 кога Лестер се бореше за опстанок, но сопственикот на Фулам, Шахид Кан има доверба дека тој ќе ги спаси Фулам од испаѓање. Раниери вели дека не постојат„чуда“.
„Мораме да работиме напорно. Тој успех со Лестер беше нешто плус, некоја бајка и мораме да го заборавиме тоа. Не треба да размислуваме за чуда, туку за многу битки за кои мораме да сме подготвени. Клубот, фудбалерите, фановите, сите заедно. Денеска тие мораат да се зад нас, кога сме на дното на табелата. Јас сум амбициозен човек, но фудбалерите мораат да покажат дека сакаат да се борат“, вели Раниери.
Претходниот тренер Јокановиќ играше под Раниери кога тој беше на чело на Челси и Италијанецот имаше само пофални зборови за човекот кој ги врати Фулам во Премиер лигата.
„Јокановиќ беше фантастичен фудбалер и направи добри работи и како менаџер, но тоа е нашиот живот. Кога нешто ќе тргне наопаку, менаџерите први си одат. Ми се случи и мене во Лестер“, објаснува Раниери.