Шефот на Мерцедес, Тото Волф верува дека Макс Ферстапен еден ден ќе биде светски шампион во Формула 1, откако Холанѓанецот на последната трка имаше незгодна случка со еден од пулените на „Сребрената стрела“, Естебан Окон.
Окон, кој вози за Форс Индија, се обиде да го помине Ферстапен, кој го имаше претекнато за цел круг во финишот на Бразилското ГП, по што имаа контакт и Холанѓанецот ја загуби позицијата, препуштајќи му победа на светскиот шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон. И покрај ова, Волф вели дека 21-годишниот Ферстапен ќе научи лекција од оваа случка и ќе излезе посилен.
„Можете да забележите како се формира еден светски шампион, со неверојатен талент и брзина. Мислам дека кога ќе ги израмни некои работи ќе биде светски шампион. Знам дека има свој ум околу инцидентот со Окон, но тие работи не може да се убрзуваат – тоа е процес на учење“, вели Волф.