Зинедин Зидан, откако беше поврзуван со можно презмање на Манчестер јунајтед и Баерн Минхен, наскоро ќе се врати на тренерската клупа, вели неговиот син Енцо.
Зидан изненадувачки го напушти кормилото на Реал Мадрид, откако освои три титули во Лигата на шампионите во низа, велејќи дека му е потребно време да ги „наполни батериите“. По слабиот старт на Манчестер јунајтед оваа сезона, тој беше главен кандидат да го замени Жозе Мурињо на „Олд Трафорд“, но по сѐ изгледа таа опција веќе не постои бидејќи шефовите на англискиот тим му дадоа доверба на Португалецот.
Енцо Зидан, кој работеше со татко му во Мадрид пред да замине прво во Алавес, а потоа во Лозана, е сигурен дека паузата е пред крај.
„Сите знаеме колку мојот татко го сака фудбалот и сака да е тренер. Мислам дека наскоро повторно ќе најде работа. Сега одмара бидејќи тоа му беше потребно. Да, прекрасно е да си менаџер на Мадрид, но и многу тешко со многу работа“, вели 23-годишниот Енцо.
Реал Мадрид убаво го почувствува заминувањето на Зидан – Хулен Лопетеги издржа три месеци на клупата, а сега таа задача ја има Сантијаго Солари, кој имаше слични почетоци како Зидан – промоција од младинскиот систем на клубот.