Британските истражители го открија проблемот со хеликоптерот кој се урна на 27 октомври во близина на стадионот „Кинг пауер“ и во кој загина сопственикот на Лестер сити, Вичаи Шриваданапраба и уште четири луѓе.
Во извештајот од осум страници, се вели дека главната причина е „откачување“ на педалата која го контролирала задниот ротор на хеликоптерот, откако се пронајдоа делови од механизмот на местото на несреќата. Поради откажување на овој систем, се сменила насоката на задниот пропелер, поради што пилотот не можел да го контролира воздухопловот. Уште претходно од аматерски истражувачи се тврдеше дека делови на задниот ротор едноставно се откачиле во текот на летот.
Во извештајот исто така се посочуваат пет препораки за безбедност за сите „АW169“ хеликоптери за да се спречат идни трагедии.
Во трагедијата животот го загуби 60-годишниот Кун Вичаи, архитектот на титулата од Премиер лигата на Лестер, заедно со неговите соработници Нурсара Сукнамаи и Кавепорн Пунпаре, пилотот Ерик Сфавер и неговата партнерка, исто така професионален пилот Изабела Роза Лехович.