Пред утрешното „Дерби д’Италија“, поранешниот плејмејкер на Интер, Јури Џоркаеф вели дека „нераѕурите“ се единствен тим во Италија кој може да му парира на засега недостижниот Јувентус.
Тимот на Лучано Спалети ќе биде исправен пред вистински тест во Торино в петок, каде што со победа ќе можат да ја намалат огромната разлика од 11 поени на Јуве по само 14 кола, но и да си заминат дома со разлика од 14 поени.
Наполи и Рома беа најсериозните конкуренти на Јувентус последните неколку сезони, но Џоркаеф вели дека само неговиот стар клуб е доволно силен да го симне клубот кој освои седум титули во низа од тронот.
„Според мене, да, тоа е Интер, бидејќи дури и во Јувентус знаат дека тоа е клубот кој може да се бори со нив на рамноправно ниво, според квалитетот на тимот и според карактерот. Рома, Наполи, Фиорентина, па дури и Милан се обидуваа, но на крајот ’Дерби д’Италија’ уште е најголемиот меч во Италија“, вели Џоркаеф, кој помина три години на „Сан Сиро“ и го освои УЕФА купот во 1998 година.
Џоркаеф вели дека доаѓањето на Кристијано Роналдо влијаело позитивно на силата на италијанскиот фудбал.
„Имам огромна почит за фудбалерот кој од Манчестер и Мадрид реши да дојде во Јувентус. Малкумина го можат тоа. Италијанската лига само може да стане посилна, бидејќи потсетува на времето кога најдобрите фудбалери беа тука“, додава Французинот.
Фото: ЕПА