Реал Мадрид рутински го победи Рајо Валјекано во саботата, но 1:0 победата очигледно не ги воодушеви навивачите, кои на крајот на мечот ги испратија своите херои со свирежи, кои не беа гласни бидејќи многу од нив веќе си имаа заминато.
На стадионот кој на 14 декември го прослави својот 71. роденден овојпат имаше само 55.229 навивачи, така што не може да се каже дека „мадридистите“ изгореа да го гледаат дербито на Мадрид во пристојно време со старт од 18.30 часот.
Ова не е најлошата посетеност за Реал оваа сезона, бидејќи на 19 август во првото коло од Ла лига имаше 48.446 гледачи, иако тогаш уште беше време на одмори. Само еднаш оваа сезона стадионот се наполни – на дуелот со Атлетико Мадрид (78.642 гледачи), а дури трипати имаше под 60 илјади фанови.
Тимот едноставно не ги инспирира навивачите да го гледаат, и далеку е од „галактикосите“ на минатото. Марко Асенсио доби неколку свирежи, како и Себалјос, а некои посочуваат дека посетата паѓа бидејќи го нема Кристијано Роналдо.