Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе имаше ексклузивна шанса за фабричкиот гигант во авто-мото спортот, „Хјундаи мотоспорт“, да го тестира новиот ТЦР-автомобил Hyundai i30 N TCR.
Долгогодишниот светски шампион во ВТЦЦ-натпреварувањето, Италијанецот Габриеле Таргвини, го покани Иџе на патеката „Нуволари“ да го тестира „хјундаито“.
„Чест е да се добие покана и шанса да бидеш меѓу првите во светот за тестирање на светски признат и докажан фабрички тим. Посебно се гордеам затоа што поканата е добиена директно од врвен возач како Таргвини, кој заедно со шефот на „Хјундаи мотоспорт“, господинот Андре Адамо, одлучиле и јас да бидам дел од овој фантастичен настан на официјалниот тест на патеката „Нуволари“ во Италија. Задоволен сум и поради фактот што самиот тест помина одлично, дури и ги надмина моите очекувања. Условите на патеката не беа идеални, но брзината и умешноста да се справам уште во првите кругови со еден нов автомобил ми помогнаа во реализацијата. Морам да нагласам дека успеав да достигнам време кое е завидно за таа патека. Ова е патека на која настапувам првпат. Јас сум задоволен, а задоволен и е мојот инженер Мирослав Растовиќ со кого сме заедно тука. Целата екипа е пресреќна. Мошне позитивни се и реакциите во тимот на „Хјундаи мотоспорт“, од кои добив искрени честитки. Најголема радост ми причини реакцијата на големиот Таргвини со кој си разменивме многу информации за новиот автомобил“, раскажува Стефановски.
Тој додава дека во текот во наредните денови ќе се направи уште едно тестирање, најверојатно на сува подлога, со цел да се добијат детаљни податоци за новиот автомобил.
„Мојот тим веќе прави анализа со која би донеле одлука дали можеби токму овој автомобил би бил нашиот арсенал за следната сезона“, изјави Стефановски.