Top Sport

Боатенг: Карло Анчелоти е чуден човек

Дефанзивецот на Баерн Минхен, Џером Боатенг отворно проговори за „чудниот“ Карло Анчелоти и неговиот избор за тимот против ПСЖ во Лигата на шампионите.

Дуелот заврши со лесна 3:0 победа за францускиот тим, откако Анчелоти реши да ги остави на клупата Боатенг заедно со Матс Хумелс, Арјен Робен, Кигсли Коман и Франк Рибери. Последица на ова беше директен отказ од „Баварците“ и ангажирање на Јуп Хајнкес како „спасител“ на тимот.

„Тоа беше навистина чудно. На петтемина ни беше кажано на состанокот во соблекувалната само 90 минути пред натпреварот. Сите бевме шокирани“, вели Боатенг во интервју за „Зидојче цајтунг“.

Покрај овој чуден избор, Анчелоти беше критикуван за премногу опуштените тренинг-сесии, поради што се зголемија и повредите на играчите.

„Не може да се поврзат двете работи, но можам да кажам дека трениравме доста поинаку од вообичаеното. Како играч, самиот знаеш дали си 100 отсто подготвен или не. Враќањето на Јуп? Неговото достоинство направи многу за нас. Секој играч е ценет како дел од групата и сите сме важни. Повторно сум среќен во Минхен“, вели Боатенг.

Scroll to Top