Top Sport

Лазаров: По поразот од Грција сега и Јапонија за нас делува како светски првак!

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров на една недела пред почетокот на Светското првенство во Германија и во Данска денеска беше дел од промоцијата на новите дресови со кои нашите ракометари ќе ги бранат боите на Македонија.

Лазаров смета дака жела и волја за натпреварување не ни недостасува, вели дека големиот број млади ракометари во составот е предност, освежување, но и непостојаност во играта.

„Тренираме напорно, младите покажуваа карактер и квалитет и тоа е она што е најважно. Еден ден на тренинг изгледаме како најдобра репрезентација во светот, по 24 часа изгледаме како најслаба селекција, но тоа е сосема очекувано со оглед на големиот број на помлади ракометари. Најважно е што се поседува и потенцијал и квалитет, но и желба за напредок, тоа е она што ми дава верба, дека под водство на врвен стратег како Раул Гонзалес македонскиот ракомет ќе продолжи да се развива“ – рече Лазаров.

Капитенот со предупредување пред првиот меч на Мундијалот против Јапонија, да не го заборавиме позарот од Грците, да не ги потцениме противниците.

„Неблагодарно е сега да се прогнозира што можеме да направиме, она што го гарантирам дека ќе играме најдобро што можеме, дека ќе го дадеме максимумот на секој меч, а ќе видиме за каков пласман ќе биде доволен тој максимум. Не сме го заборавиле оној дуел со Грција, по тој пораз сега и Јапонија делува за нас како светски првак. Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците“ – вели Лазаров.

Селекторот Раул Гонзалез е задоволен од она што е досега сработено и вели дека сите ќе добијат шанса.
„Досега на подготовките се е според планот. Ќе играме и два пријателски меча со Србија и ќе видиме како ќе ни оди. Јас знам дека пријателските не се како официјалните, но верувам во овој тим и знае и може да игра убав ракомет. На претстојните пријателски средби сите ќе добијат шанса, за да се подготвиме што подобро на турнирот. Мислам дека треба да одиме чекор по чекор и да имаме почит кон секого. Македонија има ниво, но мора да се фокусира на првиот меч, а не на тоа што ќе се случи и што следи потоа. Мора да го победиме првиот натпревар, а потоа ќе мислиме на вториот меч“ вели селекторот Гонзалез.

Scroll to Top