Сензационалниот Рјоју Кобајаши триумфираше и на третата станица од новогодишната турнеја „4 скокалници“ во Инсбрук, откако по доминантниот прв скок, никој од конкуренцијата не можеше да му ја украде победата.
Кобајаши претходно триумфираше во Оберстдорф и во Гармиш-Партенкирхен на Нова Година, а до третата победа стигна најмногу благодарение на фантастичниот прв скок од 136.5 метри. Во втората серија тој имаше скок од 131 метар за да собере вкупно 267 поени, за убедлива победа над Австриецот Штефан Крафт со 254.2 поени (129.5 и 130.5 метри) и Норвежанецот Андреас Стјернен со 242.7 поени (131 и 126 метри). Топ 5 го комплетираа Германецот Штефан Лејхе и минатогодишниот победник на новогодишната турнеја, Полјакот Камил Штох.
Сега, за 22-годишниот Кобајаши по седмата победа оваа сезона (и вкупно седма во кариерата), со титулата од „4 скокалници“ речиси сигурно обезбедена останува предизвикот во Бишофсхофен да го израмни рекордот на Свен Ханавалд од 2002 и на Штох од минатата година со победа на сите четири скокалници. Кобајаши е 11. скокач во историјата кој победил на првите три скокалници од турнејата, од кои досега само еден не успеал да ја освои титулата – неговиот јапонски сонародник Јукио Касаја во 1971/72.
Фото: ЕПА
It’s three out of three Ryoyu Kobayashi!
He is on the verge of the Grand Slam in this year’s Four Hills! pic.twitter.com/Rk1V78j4qB
— Eurosport UK (@Eurosport_UK) January 4, 2019