Досегашниот фудбалер на Лестер, Висенте Ибора, се врати во Шпанија, каде потпиша договор до јуни 2023 година со екипата на Вилјареал.
Долгогодишниот капитен на Севилја, во Лестер се пресели во 2017 година. За поранешниот англиски првак постигна четири гола на 37 натпревари.
„Ибора е искусен фудбалер од редот за врска, доминантен во скокот. Квалитетен е и пред противничкиот гол. Ова е престижен трансфер за нашиот клуб“, објавија од Вилјареал.
Клубот не ги објави финансиските детали поврзани со овој трансфер.
Ибора (30) кариерата ја започнал во Леванте, а најголемите успеси ги постигнал со Севилја. Со овој клуб тој три пати ја освоил Лига Европа.