Србија во финишот на натпреварот го „скрши“ отпорот на Кореја за да ја забележи првата победа (31:29) на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска, со нова неубедлива игра на „орлите“.
По ремито со Русија и двата порази од Германија и Бразил, Србите имаат само теоретски шанси за пласман во втората фаза, а против незгодните Корејци беа на работ од нов пораз (овојпат засрамувачки), пред да се соземат и со одлична серија да направат пресврт во последните десет минути.
Обединета Кореја водеше со 16:14 на полувремето, а оваа предност ја пренесе и во второто полувреме, кога имаше максимални три предност (22:19). По ова, Србите направија фантастичен пресврт и поведоа со дури четири гола разлика, за на крајот мечот да заврши 31:29. Вукашин Воркапиќ беше најдобар со седум постигнати голови за победниците, а Илиќ додаде пет, додека за Корејците Канг Џеонг-Гу доминираше со неверојатни 12 голови.
Со победата Србите имаат три поени на едно коло пред крајот, во кое играат со домаќинот Германија и во кое треба да направат подвиг и да сметаат на порази на Русија и Бразил во последното коло, што е тешко веројатно бидејќи одличните Бразилци, кои ја победија Русија во првиот денешен меч играат со Кореја.
Фото: ЕПА
ГРУПА А, 4.КОЛО
Русија – Бразил 23:25 (10:15)
Кореја – Србија 29:31 (16:14)
Германија – Франција 20.30 ч.
Табела: 1.Франција 6, 2.Германија 5, 3.Русија 4, 4.Бразил 4, 5.Србија 3, 6.Кореја 0
Последно коло: Србија-Германија, Кореја-Бразил, Русија-Франција